Манастирска црква „Св. Архангел Михаил“

Манастирската црква со посвета на Архангел Михаил е вгнездена на живописна локација во стрмните падини на ридот Маркови Кули и доминирала со пејсажот на некогашниот средновековен град. Црквата била подигната во втората половина на 13 век како мавзолеј на големиот хартулариј Јован, којшто припаѓал во највисоките кругови на византиската провинциска администрација. Во вообличувањето на концептот на нејзината градба се евидентни влијанијата од тековите на архитектурата во Константинопол, додека фрескоживописот во ентериерот, создаден во осмата деценија на 13 век, е поврзан со работилницата на ѓаконот и референдар Јован, најистакнатото сликарско име на територијата од Охридската архиепископија во тој период. Сочуваните фрески врз ѕидовите на манастирската црква и врз карпите во нејзината непосредна околина, за времето во кое се креирани, манифестираат особени стилско-ликовни и иконографски дострели. Според креативните архитектонски решенија се издвојуваат манастирската црква и конаци. Северозападниот конак, кој бил подигнат во 1858 година е значаен репрезент на архитектурата од средината на 19 век. Неговата изградба била финансирана од жителите на Прилеп и Варош, со особен придонес од градските еснафи.