Гранитоидни карпи

Геоморфолошки карактеристики

Монументалноста и разновидноста на денудациските форми кои го сочинуваат гранитниот комплекс Маркови Кули се неповторлив геоморфолошки феномен, кој предизвикува чувство на воодушевеност кај секој посетител. Иако ваквите карпести облици се основна карактеристика на пејсажот на Прилепскиот регион и можат да се проследат на просторот од Мариово до Кајмакчалан, целината Маркови Кули останува уникатна како според димензиите, така и по живописниот облик на микро-релјефните форми.

Главна природна вредност и уникатност на овој локалитет е извонредната разновидност на денудациски форми, што пак е резултат, пред сè, на геолошкиот состав на теренот, односно на присуството на гранитоидни карпи, втиснати и пробиени низ постари гнајсни карпи попознати како Прилепски гранитоиден комплекс. Процесите на создавање на несекојдневните форми на релјефот на Маркови Кули започнал уште во прекамбриската ера, додека горниот дел, како метаморфирани кластични и карбонатни мезозојски карпи навлечени преку долниот дел. Гранитоидните карпи во најголем дел се датирани на 300-250 милиони години (карбон-перм), но датиран е и постар магматизам на 600-700 милиони години (прекамбриум). Поради хетерогениот минералошки состав што го имаат, овие карпи се подложни на значителна селективна ерозија. Според бројноста, разновидноста и маркантноста на денудациските форми во гранитоидни карпи, подрачјето на „Маркови Кули“ е едно од ретките во Европа и пошироко. Посебна атрактивност на просторот, даваат геоморфолошките манифестации во форма на квадари, пластови, врвови, остенци, запци, печурки, топки и разни микрорелјефни форми. Главни услови за настанување и еволуција на ова богатство од форми, се должи на геолошкиот состав на теренот, водата, климата, релјефот, ветерот, живиот свет, а соодветно влијание имал и човекот. Имено, на некои грамади, геоморфолошките форми се изменети со антропогени влијанија преку бројни стари камени градби, потоа разни вдлабнатини во карпите во вид на корита и др.