Посебен тип на појави

Посебен тип на појави претставуваат т.н. прозорци во карпите, коишто се формирале по должината на страничните делви на тесните карпести гребени. Ваквите отвори настанале како резултат на селективната ерозија, при што побрзо се разградувале помеките делови од карпестата маса. Покрај впечатливите форми кои настанале со денудациските процеси, постојат и бројни микрорелјефни форми што се јавуваат на хоризонталните и вертикалните површини во карпите на Маркови Кули. Вдлабнувањата од горната површина на карпите се именувани како каменици во вид на стапалки, котли и корита, додека пак на вертикалните ѕидови на карпестите блокови како последица на  селективната ерозија и делувањето на ветрот, можат да се забележат мали вдлабнатини, познати под поимот тафони. Покрај помалите форми – вдлабнувања, камени решетки, саќе или минијатурни пештери, се среќаваат и вдлабнатини со поголеми димензии т. н. подмоли. Вдлабнатините на хоризонталните површини главно се јавуваат во три преодни форми. Во најраната фаза тие имаат форма на чашка, по што преминуваат во стапалки и котли, а во крајната фаза, која настанува со сраснување на котлите, се формираат корита.