About the project
Проектот е уникатен и иновативен во својата суштина, промовирајќи го природното наследство преку развој на заедничка патна карта на природното наследство и поврзување со туристичките производи во близина на заштитеното подрачје „Маркови Кули“. Развојот на заштитените подрачја има, од територијална и системска гледна точка, важна улога во државните и општинските развојни стратегии, како во однос на продукциските фактори така и во однос на територијалните фактори.
ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ПРОЕКТОТ
Проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ има за цел да постигне следните резултати:
- a) подобрување на ефикасноста и одржливоста на управувањето со националните заштитени подрачја и потенцијалните подрачја на NATURA 2000;
- b) дизајнирање и тестирање на поодржливи практики во користењето на природните ресурси; и
- c) зголемување на капацитетите на управните тела во заштитените подрачја, локалната самоуправа и граѓанските организации за спроведување политики и активности кои одржуваат одржлива рамнотежа во заштитените подрачја помеѓу егзистенцијата од една страна и приоритетите за заштита и реставрација од друга страна.
Концептите беа фокусирани на активности кои ќе ја подобрат заштитата на природата и ќе го промовираат одржливото користење на природните ресурси во локалните заедници во целните подрачја.
-
Заштита и мониторинг
-
Одржливо користење на природните ресурси
-
Управување со живеалишта и екосистеми
-
Одржлив развој на туризмот и рекреацијата
-
Локален развој
-
Комуникација, едукација и подигнување на јавната свест (CEPA)
-
Општо управување со заштитени подрачја, финансиско и административно управување
Проект „Protect&Act – Markovi Kuli - Prilep“
Уникатниот геолошки масив наречен Маркови Кули е составен од бројни, разновидни мали денудациски форми кои претставуваат исклучително фина скулптура на релјефот. Слични форми може да се забележат во поширокото подрачје на Прилеп, од регионот на Мариово до Кајмакчалан, но ваква интензивна концентрација и таква разновидност на микро релјефни геоморфолошки форми како на Маркови Кули не се забележани досега во пошироката околина. Ова феноменално богатство на форми се должи на геолошкиот состав на теренот, составен од метаморфни карпи (гнајс) пробиени од помлади гранити – гранодиорити (адемелити), клима, релјеф и растителен покров. Комплексниот геолошки, геотектонички и петрографски развој на овој дел од теренот довел до бројни пукнатини, раседи и специфични форми на свиткување кои одиграле важна улога во еволуцијата на денешната физиономија на теренот околу Маркови Кули.
Периодите на стагнација на магмата проследени од денудациски процеси имале клучна улога во формирањето на специфичните форми на релјефот, преку хемиското дејство на водата, активноста на хумусните киселини ослободени од лишаи и мов кои ги покриваат карпите, и преку механичката активност на температурните флуктуации, замрзнувањето на водата во пукнатините на карпите и циркулацијата на воздухот. Овие агенси ја разорувале површината на карпестите маси, особено кршливите гранитни и гнајсни карпи, и создале специфични форми во нивната денешна појава. Природните структури на гранодиоритните карпи датираат од периодот на зацврстување и ладење на жешката гранитна магма, што резултирало со сферични и паралелопипедни карпести блокови.
Целиот масив од гнајс и гранодиорит се одликува со најразновидни, восхитувачки и, би можело да се каже, неверојатни форми на врвови и голини, столбови и испакнатини, печурки, топки, вдлабнатини во вид на пештери и премини и многу други форми. Некои од овие комплексни геоморфолошки форми се со џиновска големина, со тежина до неколку стотици тони.
Споменикот на природата „Маркови Кули“ е од вредно значење и е симбол на Прилеп. Природното богатство постои од времето на консолидирањето на магмата. Неговата реткост е фасцинантна поради културно-историските знаменитости и има природна и научна вредност. Денес, „Маркови Кули“ е место каде што се развива рекреативен туризам, каде се одржуваат спортски настани и активности: болдеринг, параглајдинг, ултрамаратон итн.
Најтешките проблеми што ги забележуваме се неконтролираните пожари кои често предизвикуваат голема штета во ова подрачје, загадување со отпад и појава на диви депонии, во и околу границите на заштитеното подрачје, недостиг на информативни табли за значајните знаменитости, слаба видливост во ноќно време, нема мониторинг систем како дополнителна заштита од отстапувања и оштетувања, како што се нелегалните дрварски активности во заштитеното подрачје. Проблемите што ги потенцираме имаат импликации не само за граѓаните на Прилеп, туку за сите граѓани на Македонија. Негрижата кон оваа реткост како „Маркови Кули“, особено кога причината за проблемите е човечки фактор, ја оправдува потребата за подигнување на свеста кај граѓаните за интензивирање на заштитата на „Маркови Кули“.
Со подобрување на управувањето со „Маркови Кули“, граѓаните ќе имаат директни придобивки преку искористувањето на туристичката и економската вредност на заштитеното подрачје.
Со Законот за прогласување на Маркови Кули за Споменик на природата, управувачката институција – Јавната научна установа Институт за старословенска култура – Прилеп ја има обврската да го чува, негува и одржува Споменикот на природата – Маркови Кули. Институтот нема доволно финансиски средства и човечки ресурси за обезбедување на неопходните механизми за заштита на подрачјето. Затоа избраниот пристап на проектот се фокусира на формализирање на управните аранжмани во согласност со Законот за природа, каде мобилизацијата на неопходните ресурси ќе се направи преку формализирање на управните аранжмани од страна на проектните партнери.
Со цел да се подобри управувањето и одржливоста на заштитеното подрачје, проектот ќе се фокусира на зајакнување на капацитетите на управувачката институција, градење капацитети и подобрени механизми за заштита и конзервација. Ренџерската служба, планот за мониторинг, видео мониторингот на подрачјето и вклучувањето на засегнатите страни и локалното население ќе ја подобрат заштитата на Маркови Кули и истовремено ќе ја подигнат свеста за значењето на заштитеното подрачје.
Проектот е уникатен и иновативен во својата суштина, промовирајќи го природното наследство преку развој на заедничка патна карта на природното наследство и поврзување со туристичките производи во близина на заштитеното подрачје „Маркови Кули“. Развојот на заштитените подрачја има, од територијална и системска гледна точка, важна улога во државните и општинските развојни стратегии, како во однос на продукциските фактори, така и во однос на територијалните фактори (сектори поврзани со туризмот, локален развој и интеграција на природните и културните богатства).

