Манастирот Трескавец со црквата посветена на Успението на Пресвета Богородица се истакнува со богатството на културни содржини. Манастирскиот комплекс бил подигнат во 12, додека најголемите градежни зафати за вообличување на манастирската црква биле преземени во крајот на 13 и првите години од 14 век. Тогаш била изградена надворешната припрата, потфат кој се поврзува со ктиторството на славниот византиски војсководец, протостаторот Михајло Главас Тарханиот. Црквата е подигната врз остатоците од плоштадот на постарата населба. Бројните доградби, санации и приспособувања на градбата на манастирскиот католикон биле проследени од соодветни сликарски зафати за декорирање на доградените или санираните сегменти од црквата. Денешниот сликан ансамбл се состои од фрескоцелини кои датираат од втората половина на 14, се до средината на 19 век. Најстариот сочуван живопис датира од периодот помеѓу 1334 до 1343 година. Ѕидната декорација во наосот потекнува од последната четвртина на 15 век, а сликарството во олтарниот простор од 1570 година. Последните поголеми сликарски зафати во католиконот на манастирот Трескавец датираат од средината на 19 век, кога познатиот сликар Михаил од Самарина ја насликал богородичината химна „О тебе радуетсја“. Покрај ѕидното сликарство, особена уметничка вредност имаат и резбаните двери од влезот во наосот датирани во 16 век, а кои се едно од најзначајните остварувања на мајсторите од Прилепско-слепчанската резбарска школа. Значаен сегмент од манастирскиот комплекс претставуваат и магерницата, чијашто архитектура е сочувана во оригиналната форма, и трпезаријата со уникатните трпези изрботени од гранит.