Како дел од проектот за „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, финансиран од Европската Унија, имплементиран од UNDP, а со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање, е и Споменикот на природата „Маркови Кули“ кај Прилеп. Овде, на мал простор од 50-тина km2 се јавуваат речиси сите познати видови на денудациски релјефни форми типични за гранитни карпи, по што претставува раритет во светски рамки. Поради уникатните геовредности што ги има, овој гранитоиден комплекс, уште во 1965 година станува заштитено подрачје согласно тогашниот „Закон за заштита на природните реткости“. Во 1967 година, со решение на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, гео-комплексот Маркови Кули се ставени во категорија на споменици на природата. Во 2004 година, Маркови Кули е запишан на привремената листа на Светското културно и природно наследство при УНЕСКО, а во 2006 година е репрогласен за споменик на природата, согласно новиот Закон за заштита на природата. Дополнителните истражувања, документирање, инвентаризација и валоризација на локалитетот, треба да овозможат овој локалитет што поскоро да биде поставен на постојаната листа на УНЕСКО, бидејќи по својата репрезентативност, навистина го заслужува тоа.
Со тековниот проект, особено внимание е посветено на јужниот дел од овој локалитет, односно на ридот-грамадата која се издига непосредно над градот Прилеп. При тоа, користејќи најсовремени пристапи (дронско снимање, 3Д-моделирање, визуелизација и сл.), извршена е класификација, инвентаризација и анализа на формите, дадено е објаснување за постанокот, како и главните фактори кои имале улога во тоа. Со постапката се издвоени 50-тина карактеристични форми: примарната грамада Маркови Кули, 9 секундарни грамади со помали димензии (од кои 4 маркантни), 18 стогови, 21 блокови, како и бројни каменици (вдлабнатини исполнети со вода), потоа тафони, алвеоли, подмоли и др. Истражувањата на геоформите, нивната инвентаризација, како и виртуелизација на локалитетот со изработка на ултра-прецизен 3Д модел и ортофото, беа водени од д-р Ивица Милевски, редовен професор на ПМФ во Скопје, со сесрдна помош на д-р Марјан Темовски од Институтот за нуклеарни истражувања во Дебрецен – Унгарија и м-р Христијан Талевски, асистент-истражувач при ЈНУ Институт за старословенска култура во Прилеп.
Работата на проектот, во делот за инвентаризација на вредните гео-форми на ридот Маркови Кули, се одвиваше интензивно во повеќемесечен период на крајот на 2018 и почетокот на 2019 година. Постапката започна во месец октомври со прибирање на целокупната литература и документација која се однесува на геолошко-геоморфолошките карактеристики на овој простор. Едновремено, во текот на месеците октомври и ноември беа изведени повеќе теренски проспекции, придружени со дронско и терестрично фото-документирање на бројните денудациски форми на овој простор. Освен за фото-материјал, дронското снимање послужи за тридимензионална визуелизација на теренот. Така, со помош на специјализиран софтверски пакет, првин се изготви детална ортофото-снимка и 3Д дигитален висински модел со резолуција од околу 10 cm.
Добиениот прецизен дигитален модел и ортофото снимка, беа основа за детерминирање и морфолошко-морфометриско дефинирање на значајните гео-форми (грамади, стогови, блокови и помали форми). Благодарение на тоа, во текот на месеците декември и јануари делумно беше завршена инвентаризацијата на претходно идентификуваните покрупни форми, со нивните основни морфолошки (положба, изглед, структура), морфометриски (големина, височина), податоци за тип на вегетација, видови на антропогена деградација и др. Во таа смисла, за секој издвоен објект е направена серија од профили, а исто така и соодветна фото документација. Наведеното е од особено значење за согледување на состојбата со формите, но и за мониторинг на промените што ќе се случуваат во иднина.
Во тек на месец март следеа уште неколку теренски посети на локалитетот, особено на неговата западна страна. При тоа, беа изработени десетина квалитетни 360-степенски фото панорами како основа за добар визуелен преглед и „виртуелна тура“ по локалитетот. Ова ќе има особено значење за популаризација и презентација на локалитетот Маркови Кули. Покрај наведеното, во месеците февруари и март, врз основа на сите претходно соберени фото и видео материјали беа изработени неколку видео анимации, кои го прикажуваат локалитетот во сета своја атрактивност.
Резултатите од истражувањата покажаа дека процесот на активно формирање на денудациските форми на Маркови Кули се одвива и денес. Во таа смисла, забележани се бројни „свежо“ откршени блокови и парчиња на карпи. Анализите исто така укажуваат дека дел од крупните форми имаат примарно или иницијално потекло со форма добиена уште при втиснување на гранитната магма во постарите гнајсеви. Помалите форми кои се и најчести на локалитетот, започнале да се создаваат уште под површината со т.н. „подземна денудација“ која е надополнета со селективната ерозија на надворешните – егзогени агенси. На тој начин во период од десетици до стотици илјади години се дооформени бројните појави кои ги гледаме на површината. Сите овие сознанија, како и инвентарот на формите се детално разработени во соодветна студија, во која се дадени и препораки за одржливост, иден мониторинг, зачувување и сл.
Посебно внимание во проектот е обрнато и на културните вредности, а овој дел од активностите беше изведен од членовите на Институтот за старословенска култура од Прилеп. Минатото човеково присуство на просторот на заштитеното подрачје е евидентирано на повеќе десетици локации, датирани од неолитот (6000 год. п.н.е.) па се до доцниот среден век. Тука секако клучно место заземаат остатоците од човечки активности на ридот Маркови Кули, потврдени од доцниот енеолит до денес. Во времето на антиката на овој простор егзистирале три пространи населби. На ридот Маркови Кули и во неговото подножје е лоцирана претпоставената Керамија, втората населба се наоѓала кај грамадите на Кукул – Баба, а во подножјето на Златоврв е лоцирана Колобаиса. После незначителните траги од раниот среден век, користењето на овој простор со сигурност е потврдено во периодот од средината на 9 до крајот на 12 век, од која се одкриени голем број стамбени и производствени објекти и некрополи. Најзначајниот културно-цивилизациски подем на овој простор се случил во периодот 13 и 14 век, кога на овој терен егзистира доцносредновековниот град Прилеп, еден од најзначајните воени, политички, културни и економски средишта на Балканот. Град го сочинувале два основни структурални сегменти: утврдена акропола и отворено подградие – варош, распространето во долните делови од Маркови Кули. Во рамките на подградието во овој период е потврдена егзистенцијата на 19 сакрални објекти од кои се сочувани црквите Св. Архангел Михаил, Св. Димитрија, Св. Атанасиј, Св. Петар и Павле и Св. Богородица Пречиста, чијашто фрескодекорација се вбројува во антологијата на византиската уметност. Треба да се напомене и дека овој простор е пример за веκовната интеρаκција помеѓу пρиρодата и човеκот, така што зачувувањето на пρиρодното и κултуρното наследство со κое изобилува, пρетставува наша обвρсκа и должност.
Со оглед на комплексноста и уникатноста, во идниот период неопходни се дополнителни истражувања, проследени со презентирање и промовирање на овој извонреден локалитет пред домашната и меѓународната јавност. Инаку, според сознанијата со кои располагаме, во овој проект за прв пат во нашата држава е користена инвентаризација и анализа на гео-форми врз основа на детална виртуелизација и визуелизација на геолокалитет со вакви димензии.
Освен истражувачкиот дел, со проектот се предвидени активности со кои ќе се обезбедат услови за поголема оддржлива туристичка посета на овој уникатен предел, со понуда на содржини кои дополнително ќе го привлечат вниманието. Едновремено, во проектот големо внимание е посветено на неопходните мерки за заштита од деградација, со оглед на тоа што изгледот на бројни форми е нарушен со исцртани графити, натписи, фрлање на отпадоци и сл.
Реализираните активности се во склоп на под проектот Protect & Act – Markovi Kuli. Како носител се јавува Општина Прилеп со г-дин Борче Јанкуловски од секторот за Локален економски развој како проектен менаџер. Целокупната работа во однос на истражување, инвентаризација, снимање и визуелизација на локалитетот се одвиваше со сесрдна поддршка на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп како проектен координатор и овластен управувач со Споменикот на природата. Во таа смисла, посебна благодарност изразуваме до директорот на Институтот, научен советник д-р Бранислав Ристески за довербата и одвоеното време за бројни консултации.
Автори: д-р Ивица Милевски и м-р Христијан Талевски