Црквата Св. Димитрија се наоѓа западниот дел од Варош, на просторот кој го претставувал економското средиште на подградието на средновековен Прилеп. Овој споменик поседува комплексна архитектонска композиција, оформена во повеќе градбени зафати датирани во периодот од 12 до 14 век, а особени вредности поседуваат фасадите со разновидна керамопластична декорација. Првобитната градба потекнува од втората половина на 12, но нејзиниот конечен изглед бил заокружен со залогот на моќното семејство на Мисинополити, кои црквата во втората половина на 13 и првите децении од 14 век ја третирале како семејна задужбина. Архитектурата на црквата претрпела значајни измени, кои претставуваат исклучителен показател за градителските текови во пошироката територија на Македонија во доцновизантискиот период. Нејзиниот фрескоживопис претставува производ на повеќе сликарски зафати од различни хронолошки периоди. Сочуваните фрески датираат од крајот на 12 и почетокот на 13, па до поледната четвртина на 14 век, кога за изведбата на сликарството во куполата и повисоките зони на наосот бил ангажиран зографот митрополит Јован. Покрај уметничките вредности на фреските од втората половина на 13 и крајот на 14 век, со своето историско значење се истакнуваат и натписот во кој се споменуваат императорскиот пар Андроник и Ирена, но и ктиторскиот портрет на Димитриј Мисинополит лоциран во јужниот трем.