Уште еден значаен споменик на црковното градителство и уметноста од крајот на 13 век е црквата Св. Никола подигната пред 1298 година како заветнина на Вего Капза и неговата жена Марија. Тој веројатно припаѓал на византиското воено благородништво стационирано во прилепската крепост. Малите димензии на црквата биле компензирани со раскошната керамопластична декорација на нејзината фасада, што ја вбројува прилепската црква меѓу ретките византиски примери со толку богат фасаден украс. Од големо значење е и сликаната програма, настаната во рамките на две сликарски фази. Живописот во олтарната апсида датира околу 1270 година и е репрезент на општоприфатените трендови на сликарството од втората половина на 13 век, кои се базираат на ликовните сфаќања од времето на Комнените. За разлика од овие, сликарството во наосот кое настанало во 1298 година и се одликува со уникатен фрескопис според стилско-ликовните и иконографските карактеристики, поради што неможе да се идентификува потеклото на сликарската работилница ангажирана за неговата изведба.