Возбудливите процеси на настанувањето на пределот Маркови Кули јасно се видливи преку денудационите релјефни појави – остенците и блоковите, како и вдлабнатитините врз карпестата маса. Карпестите облици, кои се јавуваат во групи, но и поединечно, најколосални димензии и најживописни форми добиле во околината на Златоврв и по должината на источниот гребен – од грамадата Кукул до врвот Единак. Покрај грамадите од титански размери, морфолошката разновидност е изразена и кај осамените блокови, кои претставуваат најбројни денудациони форми во релјефот на Маркови Кули. Според изгледот, овие блокови може да се поделат на плочести, стоговидни, столести и печуркасти. Осамените карпести столбови, коишто преостанале на површината при долгогодишниот процес на денудација, се нарекуваат остенци. Според изгледот, поединечните остенци се мошне разновидни, но преовладуваат оние со столбеста, главичеста и запчеста форма.