Културно наследство


Во рамките на споменикот на природата Маркови Кули, Прилеп се засведочени највисоките културно - цивилизациски дострели на просторот на Северна Пелагонија. Минатото човеково присуство на просторот на заштитеното подрачје е евидентирано на повеќе десетици локации, датирани од неолитот (6000 год. пр.е.) па се до доцниот среден век. Тука секако клучно место заземаат остатоците од човечки активности на ридот Маркови Кули, потврдени од доцниот енеолит (2500 – 2100 год. пр.н.е.) до денес. Во времето на антиката на овој простор егзистирале три релативно пространи населби. На ридот Маркови Кули и во неговото подножје е лоцирана претпоставената Керамија, втората населба Колобаиса е лоцирана во подножјето на Златоврв, додека третата се наоѓала кај грамадите на Кукул – Баба.