Фауна
Фауна
На просторот на Маркови Кули егзистира и мошне богат и значаен животински свет од којшто најдобро се проучени пеперутките, со 174 регистрирани видови. Фауната на рбетниците е претставена со 151 вид, од кои 8 водоземци, 15 влечуги, 96 птици и 32 вида цицачи. Маркови Кули е живеалиште и на неколку загрозени видови кои се заштитени со меѓународната и националната легислатива. Малиот орел - мршојадец (Neophron percnopterus) се наоѓа на Црвената листа на глобално загрозени видови (1UCN, 2015), додека одделни птици се заштитени со меѓународна и национална легислатива за заштита на природата. Од лилјаците се среќаваат 7 вида што се заштитени на меѓународно ниво, додека Јужниот потковичар (Rhinolophus euryale) e заштитен со националната легислатива. Ендемски вид кој се среќава на овој предел е пеперутката Македонска сивка (Pseudochazara cingovskii) и е строго заштитена според националната легислатива за заштита на природата и критично загрозен вид според Светската црвена листа (1UCN, 2015). Уште еден значаен вид кој живее на овој простор е Самовилското ракче (Chirocephalus diaphanus carinatus) кое е балкански ендемит, забележан во природно формирани литотелми во карпите на локалитетот Марков Чардак.