Флора


Географската положба, разновидноста на релјефот, микроклиматските и почвените услови во комплексот Маркови Кули се примарна причина за присуството на значајно флористичко богатство на овој простор, како од аспект на бројноста, така и во однос на разновидноста на видовите. Според своите содржини особено се истакнуваат два флористички локалитети – врвот Златоврв и неговата околина, како и грамадата Маркови Кули. Заради присуството на 12 растителни вида од национално и меѓународно значење, пределот на Маркови Кули е определен како еден од најзначајните центри на ендемичии растенија на Балканот. Притоа се утврдени шест македонски ендемити: Silene viscariopsis, Asplenium macedonicit, Moehringia minutiflora, Verbascum adenantum, Dianthus prilepensis и Viola babunensis. Пет од растенијата за првпат се откриени и опишани како нови за науката токму на овој простор. Воедно, на ова подрачје забележани се растителни видови со широк ареал на распространување на Балканскиот Полуостров, а коишто во Македонија се среќаваат само на неколку наоѓалишта.