Фестивал на пивото

„Пивофест“ е туристичка манифестација која што има 17 годишна традиција во Прилеп. Оваа ревија на врвни пива и специјалитети на скара, дополнета со фонот на избрани музички брендови на Балканот, е туристичка атракција, која што предизвикува интерес и кај љубителите на овој тип забави не само од Македонија, туку и пошироко на Балканот. Последните неколку години почетокот на фестивалот коинцидира со верскиот празник „Петровден“, а манифестацијата трае 4 дена. Има извонредна посетеност. Оваа година за прв пат, паркинг просторот дневно ќе се наплаќа по 50 денари или по двојно пониска цена во споредба со минатите години.
Манифестацијата се одржува во центарот на градот, така што сообраќајот во овој период се пренасочува по другите поголеми сообраќајници, со цел да се обезбеди безбедна пешачка зона. За безбедноста на храната, хигиената, јавниот ред и мир, примената на сите современи стандарди за организација на ваква забава се задолжени сите јавни претпријатија и други надлежни институции.Поради масовната посетеност за време на фестивалот пополнети се сите сместувачки капацитети,така што неколку дена пред оваа забава се бара соба, кревет повеќе. Од фестивалот на пивото и скарата, свој бенефит има и прилепската чаршија.
Повелете на „Пивофест“ во Прилеп. Вкусете ги познатите специјалите на скара, освежете се со ладно пиво, и уживајте со изборот музички нумери од годинешните учесници.