Овогодишните теренски археолошки истражувања на комплексот Трескавец, Прилеп претставуваат заокружување на првата етапа на истражување со која успеавме да ги дефинираме структурални елементи на античката населба Колобаиса, како и да ги детерминираме основните етапи во развитокот на манастирскиот комплекс Успение на Пресвета Богородица – Тресквец во времето од средината на XII до средината на XX век.
Теренските истражувања на археолошкиот комплекс Трескавец, Прилеп се реализираа во текот на октомври и ноември 2019 година и беа концентрирани на два (локалитети) сектори: “Мала Порта” и “Клепало”.
Стручната екипа ја сочинуваа: д-р Бранислав Ристески, научен осветник, раководител на Проектот, м-р Христијан Талевски, асистент-истражувач и м-р Дејан Кебакоски, асистент-истражувач.
Со археолошките ископувања во источниот сегмент од комплексот (сектор Мала Порта) беа откриени остатоците од најстариот ограден ѕид и источниот влез (потерна) во овој дел од античката населба, хронолошки детерминиран во времето од последните децении на IV до средината на VI век. Втората фаза во користењето на овој простор ја презентираат деловите од доградениот ограден ѕид на населбата, позициониран непосредно до остатоците од постариот ѕид, хронолошки детерминирани во втората половина на VI и првите децении на VII век. Втората етапа во користењето на овој простор е засведочена со откриените остатоци од темелите и долните делови од ѕидовите на простран објект изграден врз остатоците од античкиот ограден ѕид, а хронолошки детерминиран во времето од средината на XII до првите децении на XV век.
Во секторот Градина, истражувањата се реализираа во рамките на сонда со димензии 11,00 х 4,00 метри (теренска сигнатура “сонда 2/19”) и се констатирани три основни етапи во користењето на овој простор поврзани со античката населба и манастирскиот комплекс.
Со првата етапа се поврзуваат остатоците од главниот влез во античката населба Колобаиса, хронолошки детерминирани во времето од I/II до последните децении на IV век.
Втората етапа во користењето на овој простор е засведочена со ремоделирањето на главниот влез (последни децении на IV до средината на VI век), како и со преградувањето на влезот со ограден ѕид од масивни камени блокови поврзани со кал (втора половина на VI први децении на VII век.)
Третата етапа во користењето на овој простор, хронолошки детерминирана во времето од првите децении на XV до крајот на XVII/ почетокот на XVIII век, ја потврдуваат остатоците од долните делови на живеалишно-производствени објекти поврзани со втората зона на манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескавец.
Во рамките на овогодишните теренски истражувања се изврши и детално снимањена арехолошкиот комплекс со користење на најсовремените методи на документирање, реализирани од м-р Христијан Талевски, асистент-истражувач и м-р Дејан Кебакоски, асистент-истражувач.